Кошаркарите на Гостивар втор пат сезонава успеваат да го надиграат актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром.

Откако на почетокот на шампионатот, односно во 2.коло во октомври месец минатата година, Гостиварци во неизвесен меч во „Јане Сандански“ славеа со еден поен разлика (80-79), овојпат пред своите симпатизери во полната сала „Младос“ домашниот тим славеше со дури 19 поени разлика.

Во првото полувреме, ништо не навестуваше ваков крај. Гостите иако имаа и девет поени предност (29-38) сепак на паузата се замина со израмнети 40-40.

Во третиот период Гостивар направи +5 (60-55), а таа предност во последната четвртина само ја зголемуваше, за на крајот да слави со 19 разлика (88-69).

Во победничката екипа, најефикасен беше Американецот, Пипкинс со 25 поени, додека Корсантиа средбата ја заврши со дабл-дабл ефект со 21 поен и 13 скока. Кај МЗТ, Бурсаќ постигна 16 поени, Дамјан Стојановски додаде 12, а Кафи еден поен помалку (11).

И покрај поразот, (прв во домашното првенство по низата од 10 победи) тимот на МЗТ останува лидер со 11 победи и 2, а сега зад него е Гостивар со ‘скор’ 9-4, но и натпревар повеќе од битолски Пелистер кој поради обврските во АБА2 лигата, својот меч од ова коло против Работнички на гостински терен ќе го игра дури на 1 февруари.