Вистински дебакл го снајде шампионот на Италија, тимот на Милан, кој денес на домашен терен загуби од Сасуоло со убедливи 2-5.

Непрепознатлива е играта на Милан во споредба со шампионската сезона, а играчите на Стефано Пиоли не знаат за победа во последните 6 натпревари во сите натпреварувања, во меѓувреме го загубија финалето во Суперкупот, испаднаа од купот на Италија, а со денешниот пораз буквално ги загубија сите шанси за борба за титулата.

Избраниците на Стефано Пиоли почнаа добро, Жиру ја затресе мрежата на противникот во 8-та минута, но по реакција на ВАР, голот беше поништен поради офсајд. Од тој момент се тргна низ брдо за ,,Росонерите”, па најпрвин Дефрел во 19-тата минута погоди за 0-1, а две минути подоцна Фратези донесе предност од 0-2 за Сасуоло. Жиру во 24-тата минута повторно погоди, но овој пат ВАР не се огласи и голот беше важечки па Милан намали на 1-2.

Меѓутоа наместо Милан да се врати во натпреварот, двојниот асистент на првите два гола, Доменико Берарди овој пат се запиша и во листата стрелци па со својот гол во 30-тата минута донесе големи 1-3.

Потврда за очајната игра на Милан стигна во 47-та минута кога Лауриенте повторно го матираше Татарушану за 1-4.

За дебаклот да биде целосен се погрижи Матеус Енрике, кој во 80-тата минута на трета асистенција на Берарди, донесе огромни 1-5.

Дивог Ориги во 85-тата минута успеа колку толку да го ублажи поразот и да ги постави конечните 2-5.

Сасуоло e вистински кошмар за Милан, па речиси редовно секоја сезона успева или да го победи или да му откине важни бодови, па така оваа сезона во пресметката со Милан, Сасуоло освои 4 бода.

Ова е втор пораз за Милан по ред во Серија А, а четврти наптервар без победа, со што ,,Росонерите” испаднаа од борбата за титулата, а значително ја искомплицираа својата позиција, затоа што сега се на четвртото место, со тоа што Рома и Лацио со победа ќе го потиснат тимот на Пиоли на шестата позиција.