Недановски: Како се наближува почетокот на првенството формата се подобрува
Ракометарите на Вардар во Скопје ги одработуваат завршните подготовки за пролетниот дел од сезоната, а викендов ќе гостуваат во Прешов, Словачка каде ќе го играат првиот меч од новата сезона во СЕХА Газпром лигата.
На подготовките во Скопје недостасуваат само репрезентативците кои настапуваат на СП во Полска и Шведска. Тие ќе пристигнат во четврток, а потоа заедно со екипата патуваат за Прешов.
Со тимот тренираат и Михаил Аларов кој дојде од Пролет, и Бразилецот Леонардo Дутра. Томислав Јагуриновски поради скинато мускулно влакно предвреме се врати од СП, и беше на поштеда, но и тоj ќе патува за Словачка.
„Ги одработуваме подготовките во Скопје и со ракометарите кои максимално посветено ги извршуваат задачите. Поради настинки некои отсуствуваа од некои тренинзи, но најважно е што како се наближува почетокот на првенството формата се подобрува. Ме радува што и новите играчи веќе влегуваат во системот на Вардар, но секако ќе им треба време. Со Дутра, Аларов и Јагуриновски ќе имаме и можност за поголема ротација во играта. Ги очекуваме и нашите репрезентативци од СП со кои Вардар пролетва ќе биде повторно силен. Не очекуваат повеќе натпревари, а веднаш по гостувањето во Словачка се враќаме дома и следната среда ќе бидеме домаќини на Партизан повторно во СЕХА лигата. Очекувам и публиката да биде со нас, бидејќи во следните месеци доаѓаат силни, интересни и важни натпревари, вели Владо Недановски, тренерот на Вардар.
Вардарци в петок патува за Прешов на меч против Татран што ќе се игра во сабота од 16 часот.
На 1 февруари во Скопје гостува екипата на Партизан.
За мечевите од СЕХА лигата, против Партизан и против Татран веќе се пуштени во продажба билетите.