Селекцијата на Исланд успеа со пресврт во вториот дел да стигне до победа над Бразил на дуелот одигран во Гетеборг. „Кариоките“ беа подобри во првиот дел кој го добија со 22:18, но во второто полувреме нивната игра се распадна и противникот ги казнуваше грешките. Така Исланд најпрвин на почетокот на вториот дел го намали водството на ривалот, а конечниот пресврт го направи во последните 10 минути. Бјарсон со 9 и Кристијансон со 8 голови беа најефикасните кај Исланд.
Со оваа победа Исланд има 6 бодови исто колку и Унгарија но поради поразот во меѓусебниот дуел (28:30) ќе биде послабопласирана на табелата. Во моментов Унгарија е втора, Исланд е трет, додека Португалија има бод помалку и натпревар што треба да го игра против Шведска првопласираната репрезентација во групата. Овој дуел почнува во 20:30 часот.
Репрезентацијата на Полска со победа го заврши настапот на Светското првенство откако вечерва во последниот натпревар од главната фаза во рамките во групата во Катовице ја совлада репрезентацијата на Иран со 26:22. Со овој триумф полската репрезентација шампионатот го заврши со 3 победи и 3 порази, а во групата е четвртопласирана пред Црна Гора и Иран. Ораеи од Иран и Пјетрашик од Полска со по 6 голови беа најефикасни на дуелот.
Во терминот од 21 часот за првото место во групата 1 играат Франција и Шпанија.