Еден од најискусните членови на ракометната репрезентација на Македонија секако е голманот Никола Митревски кој би требало да ја има и улогата на капитен.

Како предводник на подмладениот состав, Митревски верува дека сите ракометари кои ќе добијат шанса за настап ќе го дадат и последниот атом од силата на секој натпревар.

„Одработивме одлични подготовки за ова првенство, на кое заслужено обезбедивме пласман. Дојде време сега да се подготвуваме за Норвешка, Холандија и Аргентина. Никого нема да го прецениме, ниту потцениме. Имаме самодоверба, знаеме што сакаме. Желбата кај сите 20 играчи е на највисоко ниво. Сакаме да се претставиме во што е можно подобро светло, да го дадеме последниот атом на секој меч“, изјави Митревски.

Македонските репрезентативци и утре се во Скопје, каде ќе ги одработат последните подготовки, пред заминувањето за Краков во четврток наутро.

А, во полскиот град за противници ќе ги имаат Норвешка, Холандија и Аргентина редоследно на 13-ти, 15-ти и 17-ти јануари.