Снукер федерацијата на Македонија организираше посебен турнир за дисциплината „6 црвени“, која е позната како атрактивна поради покусиот и побрз формат, но им дава шанса на играчите да се истакнат со прецизна и обмислена игра бидејќи не остава простор за грешка.

Штотуку ја освои втората по ред титула во македонското првенство, Берат Јашари успеа да триумфира и на овој турнир, откако во финалето минимално го совлада Петар Панов, кој исто така во државниот шампионат стигна до второто место. Панов беше на чекор до сензација во финалниот меч кој имаше многу пресврти, но Јашари во клучните моменти успеа да ја задржи концентрацијата и да одигра на ниво потребно за победа. Мала утеха за Панов е дека имаше највисок „брејк“ на турнирот од 37 поени, четири повеќе од Јашари (но, во исто време и од Матовски и Јанев).

Меѓу „добрите вести“ кои ги донесе овој турнир беа двете врвни полуфиналиња, во кои Сипковски по доминантната победа од 3:0 против репрезентативниот колега Ставриќ излезе на мегдан со Јашари и успеа да игра рамноправен меч, но освои само еден „фрејм“. Во второто полуфинале Панов играше со Лукревски, кој овој викенд беше расположен за изненадувања, па прво направи исчекор совладувајќи го Владо Матоски во четврфиналето со 3:2, а потоа покажа дека добро се снаоѓа и под притисок во полуфиналниот меч, иако загуби со 3:1. Панов пак, до полуфиналето стигна со тесна победа од 3:2 против Нешкоски, кој со ваквиот резултат покажа дека можеби овој формат повеќе му одговара, отколку класичниот. Исто така добра вест за македонскиот снукер е враќањето на првиот шампион Павле Данаилов, кому ова му беше еден од ретките настапи во 2022 година и со пласманот во четвртфиналето, каде што беше запрен од Јашари, покажа дека може да биде опасен ривал, а тоа е нешто што реално им е потребно на надоаѓачките млади играчи кои мораат да соберат такви искуства.

Имајќи предвид дека во истиот викенд мал дел од играчите паралелно учествуваа и на Екипното државно првенство во билијард (а Сипковски, Ѓурчиновски, Матоски, Лукревски стигнаа до полуфинале во него, што е посебен куриозитет), па треба да се има предвид и нивниот замор. Од друга страна снукер федерацијата ќе мора да размисли за повеќе настани во текот на една година од оваа дисциплина, бидејќи идната сезона во јуни (Албена, Бугарија) ќе се игра Европско првенство само во „6 цревени“ и македонските играчи кои сега стекнаа право на настап, ќе мора засилено да тренираат и да имаат шанса за квалитетни мечеви во пресрет на тие настапи.

На крајот, треба да се одбележи и дека викендов се одржа и свечената церемонија за доделување на трофеите од државното првенство кое се играше и бодуваше преку пет посебни турнири, а носители на најзначајните трофеи беа Јашари, Панов и Матоски.