Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер го официјализираше трансферот на словенечкиот среден бек Миха Котар за следната натпреварувачка сезона.

Овој 27-годишен ракометар доаѓа од српскиот Партизан како директна замена за неговиот сонародник Домен Тајник.

Котар веќе се докажа како лидер во српскиот шампионат каде беше клучен играч во освојувањето на националниот куп. Словенецот беше прогласен за најдобар поединец во финалето, што го привлече вниманието на стручниот штаб од Битола. Неговиот претходен клуб Партизан му дозволи трансфер иако Котар имаше активен договор за уште една дополнителна година.

Официјалното приклучување на Миха Котар кон тимот се очекува на почетокот на летните подготовки за новата сезона.

Битолчани веќе работат на комплетирање на „ростерот“ за настапите во следната сезона како на домашната така и на европската сцена. Покрај Котар, клубот претходно го потврди и репрезентативниот десен бек Мартин Серафимов како големо домашно засилување.