Македонската ракометна репрезентација денеска во Лисабон ќе ги дознае противниците за квалификациите за Европското првенство 2028 година.

Македонија се наоѓа во вториот шешир според најновиот рејтинг на европската куќа на ракометот.
Во нашата група не може да се паднат Австрија, Холандија, Србија, Полска, Чешка, Италија и Фарски Острови.

Потенцијални ривали од првиот шешир се велесилите: Германија, Хрватска, Исланд, Шведска, Франција, Норвешка, Унгарија и Словенија.

Од третиот шешир, најпосакувани противници се селекциите на Литванија, Белгија или Грузија. Овие репрезентации имаат помал квалитет и помало искуство на големите натпреварувања. Најтежок противник во овој сегмент е Црна Гора, која често приредува изненадувања против фаворитите. Грција и Босна и Херцеговина се исто така незгодни поради жешкиот терен на гости.

Во четвртиот шешир, најидеални ривали би биле Луксембург, Естонија или Финска. Тоа се репрезентации против кои Македонија редовно победувала во минатото. Најголема опасност доаѓа од Словачка, со која веќе играме бараж за Светското првенство. Израел и Турција можат да бидат тврди ореви доколку не се пристапи сериозно на мечевите.

Квалификациите ќе вклучат вкупно 32 национални тимови поделени во осум натпреварувачки групи. Пласман на континенталниот собир ќе обезбедат двете најдобри селекции од секоја квалификациска група.
Домаќини на ова Европско првенство во 2028 година ќе бидат Шпанија, Швајцарија и Португалија.

Извлекувањето на групите ќе започне точно во 19 часот, а ќе може да го следите ВО ЖИВО ОВДЕ 👇👇👇

Пред овие предизвици, нашите ракометари во мај ќе играат бараж против Словачка за Светското првенство 2027.