Почнува претпоследната етапа, од квалификациите за Светското фудбалско птрвенство што ќе се одржи летово во САД, Канада и Мексико.
Шеснаесет репрезентации, меѓу кои и Македонија, ќе се борат за преостанатите четири слободни места резервирани за европските репрезентации. Овој плејоф е вистински „рулет од пеколот“ бидејќи честопати фаворитите знаат да „кикснат“. Италија, Турција, Полска и Данска се меѓу најголемите фаворити, но изненадувањата се секогаш дел од сценариото.
Италија пред историски предизвик
Во првата мини-група, Италија мора да мине низ полуфинале против Северна Ирска, а потоа финале со победникот од Велс – БиХ. Четирикратниот шампион е под огромен притисок: трет последователен неуспех е незамислив. Гатузо и Донарума ќе мораат да издржат пеколна атмосфера во Кардиф или Зеница.
Украина и Полска со легенди во напад
Втората група носи дуели Украина – Шведска и Полска – Албанија. Украинците имаат симболична предност на „домашен терен“ во Валенсија. Левандовски ја гледа оваа шанса како последна за настап на Мундијал. Исходот е целосно неизвесен, со четири екипи кои имаат реални амбиции.
Турција фаворит против Словачка, Косово и Романија
Третата група изгледа најјасна. Турција на Монтела со Ѓулер и Јилдиз е фаворит против Словачка, Косово и Романија. Финалето ќе се игра во Братислава или Приштина, но турскиот тим има квалитет за да ја прекине долгата историја на ретки настапи на СП.
Македонија брка деби на Мундијалите
Четвртата мини-група носи полуфиналиња Чешка – Република Ирска и Данска – Северна Македонија. Според „букмејкерите“ можно финале е меѓу Чесите и Данците во Прага. Данска мора да се рехабилитира по сензационалното реми со Белорусија кое ја чинеше директен пласман. Но, Данците се соочуваат со мотивираната Македонија која ќе се обиде, да го надмине успехот од пред четири години. Тогаш, ја елиминиравме Италија во полуфиналето, но налетавме на Португалија. Со искуството повеќе , сега и желбата за историско деби на Мундијалот е уште поголема во таборот на македонската селекција.
Освен дуелот во Истанбул, што ќе почне од 18 часот, сите останати ќе стартуваат во терминот од 20.45 часот.
Светски плејоф надвор од Европа
Во Мексико ќе се играат два финални дуели за преостанатите визи.
Конго ќе игра против победникот од Нова Каледонија – Јамајка, а Ирак против победникот од Суринам – Боливија. Во споредба со европските битки, овие парови изгледаат далеку полесни, што уште еднаш ја отвора дебатата за критериумите на ФИФА.





































