Актуелниот првак МЗТ Скопје Аеродром забележа очекувана победа во дуелот со гевгелиски Кожув.
Во натпреварот од 20-тото коло во Првата машка лига, одигран вечерва во „Јане Сандански“ МЗТ славеше со 87-67.
Гостите беа рамноправен противник се до две минути пред крајот на полувремето кога резултатот беше израмнет (28-28), по што следуваше серија од 10-0, за двоцифрена предност на бело-сините на паузата со 38-30. Во третата четвртина домаќините придодадоа уште 14 поени плус, па во последната само рутински го приведоа мечот до крај.
Најефикасен о победничката екипа беше Дамјан Робев со 14 поени, додека Дастин Вер придодаде 13, а Бојан Крстевски 12.
МЗТ Скопје сега повторно има две победи повеќе од второ пласираниот Пелистер против кого ќе игра во последното коло, па на аеродромци доволен им е уште еден триумф да ја запечатат првата позиција, што би значи и четвртфинален дуел со Кожув кој ќе остане на осмата позиција, бидејќи има три победи помалку од седмо пласираниот Еуро Никел, а до крајот на лигашкиот дел остануваат уште две кола.
Оваа 20-та рунда ќе биде комплетирана утре со средбата меѓу ФМП Академија и Куманово, која е важна за двата тима кои во продолжениот на сезоната ќе с борат за опстанок.