Македонската женска ракометна репрезентација влегува во решавачкиот двомеч против Белгија во рамките на квалификациите за Европското првенство 2026.
По поразите од Германија и Словенија, претстојните натпревари против Белгија се клучни во трката за пласман на шампионатот.
Голем хендикеп за репрезентацијата е отсуството на капитенот Сара Ристовска, чија повреда го лишува тимот од лидерство на десната крилна позиција. Во нејзино отсуство, одговорноста треба да ја преземат помладите интернационалки Ива Младеновска и Јована Кипријановска.
Белгија се смета за аутсајдер во групата. Сепак, нивните претходни настапи покажуваат дека се работи за репрезентација во подем која не смее да се потцени.
Собирот на репрезентацијата беше во СЦ „Јане Сандански“, каде ќе се тренира се до заминувањето за Белгија. Селекторот Грчевски на првата прозивка имаше 16 ракометарки, а четири (Коларовска, Петковска, Арсениевска и Гакидова) треба да се приклучат на вечерниот тренинг.
Првиот натпревар ќе се одигра во градот Хаселт, на 4 март. Три дена подоцна (7 март) реваншот ќе се игра во Куманово.
Ивона Кимовска


































