Во рамките на 14. коло од Женската Супер лига, Ѓорче го пречека тимот на Спартак и забележа убедлива победа од 35:21.

Натпреварот започна одлично за домашната екипа, која поведе со серија од 3:1. Во 13-тата минута гостинките успеаја да намалат на 6:5, но тоа беше сè што успеаја да направат во тој период. Ѓорчепетровки постепено ја зголемуваа предноста и со серија од 4:1 стигнаа до 10:6, а до крајот на првото полувреме целосно ја контролираа играта и на пауза заминаа со сигурни 17:10.

Во второто полувреме избраничките на Ѓорче имаа целосна контрола врз резултатот. Во 38-та минута стигнаа до двоцифрена предност од 22:12, не дозволувајќи му на Спартак да се доближи. Во 50-тата минута домаќинките ја достигнаа и максималната предност од +13 (29:16). До крајот немаше резултатски пресврт, па средбата заврши со конечни 35:21.

Најефикасни во составот на домашната екипа беа Ризоска со девет и Јанкуловска со осум, кои имаа значаен придонес во убедливата победа. Додека од Спартак Цветановска даде шест гола.

Ивона Кимовска