Лидерот на табелата од Првата македонска фудбалска лига Вардар имаше убедлив старт на пролетниот дел од сезоната.
Вардар славеше убедлива победа во дуелот против Арсими со 5-1, а во рамките од 17 коло. Гостите од Гостивар може да бидете и „пресреќни“ што примија само 5 голови.
Вардарци триумфот го најавија уште во првото полувреме кога постигнаа четири погодоци. Серијата ја отвори новајлијата Цветковиќ уште во петтата минута. И следните два гола ги постигнаа новите засилувања Николов и Велковски, првиот во 20-тата, а вториот во 35-тата минута. Босанчиќ во финишот на првиот дел (42 минута) зголеми на убедливи 4-0.
И во вториот дел, вардарци постојано атакуваа на голот на противникот. Создадоа неколку шанси црвено-црните, а капитенот Омерагиќ во 69-та ја искористи онаа за пет 5-0. Во последната минута (90), а по грешката на вардаровиот голман Талески, гостите добија пенал кој го реализира Цуцули за конечни 5-1 за Вардар.
Со новите бодови и вкупно 45, Вардар сега ја зголеми предноста на четири бода во однос на второ рангираната Струга која вчера го загуби дербито со Шкендија. Тетовци пак заостануваат шест бодови за Вардар на третата позиција на табелата.
Во овие моменти во Кратово се игра уште еден натпревар во кој Силекс е домаќин на Башкими. Последните два натпревари од ова коло ќе се играат утре.
ПРВА ЛИГА – 17 КОЛО
Среда (11 февруари)
ВАРДАР – АРСИМИ 5-1
14.00 СИЛЕКС – БАШКИМИ во тек
Четврток (12 февруари)
13.00 БРЕРА СТРУМИЦА – МАКЕДОНИЈА ЃП
14.00 ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ
Вторник (10 февруари)
ШКЕНДИЈА – СТРУГА ТРИМ ЛУМ 2-0
ШКУПИ – ТИКВЕШ 0-6





































