Вуко Борозан е новото големо засилување за екипата на Охрид како во домашното првенство, така и на европската сцена.

Црногорскиот бек потпиша договор до крајот на сезоната со „гладијаторите“.

Тој доаѓа како замена за Крсманчиќ и Орјоникидѕе во бековската линија, со кои охридскиот клуб ја прекина соработката.

Борозан се раздели со Вардар и имаше повеќе опции за продолжување на кариерата. Сепак, реши да остане во Македонија и да се приклучи на охридскиот проект.

„Многу сум среќен што потпишав за екипа со големи амбиции, екипа која има одлични ракометари. По разговорот со тренерот Ројевиќ и управата на Клубот одлучив да ја продолжам својата кариера во Охрид.

Пред нас следуваат многу натпревари, а нашиот тим ќе атакува на сите три трофеи! Ги поздравувам охридските навивачи, групата “Рибари” да не бодрат во што поголем број за да стигнеме до целите на клубот“, изјави Борозан.

Вуко доаѓа од РК Вардар 1961, а во својата богата кариера има настапувано за екипите на Веспрем, Загреб, Ловќен, Металург итн. Веќе повеќе од деценија е еден од лидерите на црногорската репрезентација.

Со ова ГРК Охрид уште еднаш ги потврди своите големи амбиции, како во борбата за трофеите дома, така и во ЕХФ Купот, а Борозан треба да биде големо оружје. Со ова засилување, охриѓани испраќаат силна порака до конкурентите, Вардар, Еурофарм Пелистер, па и Алкалоид.