До продолжението на вториот дел од фудбалската сезона во ПМФЛ останува речиси еден месец, но клубовите веќе активно ги темпираат формата и ритамот преку подготвителни тренинзи и контролни натпревари. Во таа насока, актуелниот шампион на Македонија, Шкендија, го одигра првиот пријателски меч во зимскиот подготвителен период и остави мошне позитивен впечаток.

Тетовскиот тим на комплексот „Петар Милошевски“ во Скопје забележа убедлива победа од 3:0 против екипата на Брера. Двата тима настапија со комбинирани состави, при што тренерите им дадоа можност на поголем број фудбалери, но Шкендија во текот на целиот натпревар имаше далеку поголема иницијатива и создаде повеќе изгледни шанси за погодок.

Резултатот беше отворен уште во 11. минута, кога Мазари прецизно реализираше за водство на шампионот. Во вториот дел на сцена стапи искусниот Бесарт Ибраими, кој со два погодоци ја потврди доминацијата на Шкендија и ја заокружи високата победа. Младиот состав на Брера не успеа да најде соодветен одговор и да се врати во игра.

Овој натпревар беше последна проверка за Шкендија пред заминувањето на подготвителната база во Анталија, каде што тетовци ги очекуваат неколку силни контролни дуели против екипите на Олександрија, Подбрезова, Сараево и Ордабаси, натпревари преку кои стручниот штаб ќе ја темпира формата за продолжението на првенството, но и УЕФА Конференциска лига.

Следете нé на социјалните мрежи