Реал Мадрид остана без тренер, откако клубот официјално потврди дека Чаби Алонсо повеќе не е на клупата на „кралскиот клуб“.

Управата на мадридскиот гигант донесе одлука првиот тим да му го довери на Алваро Арбелоа, досегашниот тренер на Б тимот и уште едно познато име од поновата историја на Реал.

Ерата на Алонсо во Мадрид заврши многу брзо. По заминувањето на Карло Анчелоти на крајот од минатата сезона. Алонсо беше назначен како негов наследник, но се задржа само половина година. Поразот од Барселона во Суперкупот беше последната капка, по што двете страни спогодбено ја прекинаа соработката, во период кога веќе подолго време постоеше незадоволство од играта и резултатите на тимот.

Дополнителен товар за Алонсо беа и внатрешните тензии во соблекувалната, особено односот со Винисиус Жуниор. Тренерските одлуки да го остави Бразилецот на клупата или да го замени пред крајот на натпреварите предизвикаа реакции и, според шпанските медиуми, дополнително ја разнишаа позицијата на младиот стратег.

Реал Мадрид така пребрзо се откажа од тренер кој важеше за еден од најперспективните во Европа, а сега повторно се свртува кон решение со ограничено искуство на највисоко ниво. Во минатото, „кралскиот клуб“ често се потпираше на докажани имиња како Анчелоти, Мурињо и Капело, додека овојпат изборот падна на уште еден тренер кој допрва треба целосно да се докаже.

Алваро Арбелоа ја презема функцијата со јасна задача – да наметне авторитет, да воспостави стабилна игра и во најкраток рок да донесе резултати. Поранешниот дефанзивец на Реал Мадрид го градел својот тренерски пат во младинските категории и Б тимот. Тој сега се соочува со најголемиот предизвик во кариерата, водејќи клуб каде што притисокот за успех е постојан и немилосрден.

Следете нé на социјалните мрежи