Селекторот Кирил Лазаров мораше да направи принудна замена во составот на македонската ракометна репрезентација само по неколку дена од почетокот на подготовките за Европското првенство 2026 година.
На тренинг се повреди Валентин Карасманакис, кој скрши прст на раката, поради што ќе мора да паузира околу четири недели и нема да биде во можност да настапи на континенталниот шампионат. Пикерот на Алкалоид по направените лекарски прегледи беше отстранет од списокот. На негово место Лазаров го повика искусниот Никола Маркоски, кој претходно се наоѓаше на резервниот список.
Македонската репрезентација утре ќе отпатува за Пореч, каде на 28 декември (20.30 часот) ќе одигра пријателски натпревар против селекцијата на Хрватска. Во рамките на подготовките, „црвено-жолтите“ ќе настапат и на турнирот во Винтертур од 8 до 10 јануари, каде ќе се соочат со Швајцарија, Бахреин и Украина.
На Европското првенство Македонија ќе го има првиот настап на 16 јануари против Данска, два дена подоцна ќе игра против Португалија, а групната фаза ќе ја затвори со дуел против Романија.


































