Женската ракометна репрезентација на Македонија имаше одлично отворање на меѓународниот пријателски турнир во Анкара.
Нашите ракометарки успеаја да го совладаат домаќинот Турција со 29-26 и го запишаа првиот триумф на овој подготвителен собир
. Резултатот на полувреме беше 12-12, период со многу грешки на двете страни, но Македонија во вториот дел одигра убедливо и фокусирано. Во последниот квартал од мечот избраничките на селекторот Гечевски покажаа силен карактер и заслужено се радуваа на победа.
Најрасположена за игра беше Ризоска со дури 11 погодоци. Пет гола постигна Седлоска, а Беровиќ ја следеше со четири. Овој успешен старт дополнително ќе ја подигне самодовербата во националниот тим. Утре од 12 часот, нашите ракометарки ќе играат против Словенија. Последниот меч на турнирот Македонија го игра во недела од 10:00 часот против Словачка.
Победата над Турција носи позитивна атмосфера и надеж дека овој турнир ќе го завршиме со уште подобри резултати.





































