Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија со пораз го почна квалификацискиот циклус за Европското првенство 2026 година.

Натпреварот од 1.коло во група 3, одигран вечера во Гумерсбах, домашните ракометарки го добија со 16 голови разлика.

По стартното водство 0-1 за Македонија, домаќинките врзаа пет гола во низа и поведоа со 5-1. Нашите ракометарки некако успеаја да фатат приклучок и да се вратат во игра. Имаа негатива од два гола (8-6), жолто-црвените на средината на првиот дел, кој Германките го добија со +6 (14-8).

И во вториот дел иста слика на теренот. Германките постојано ја контролираа играта со цврста одбрана и брз напад и постепено ја зголемуваа разликата. На крајот сосема заслужено Германија славеше со конечни 34-18.

Најефикасна во нашата репрезентација беше Емилија Ризоска која постигна 8 голови, со само едно промашување (6 од 6 од седум метри). Најблиску до неа беше Ива Младеновска со четири голови.

Следен противник на македонските ракометарки се Словенките кои вчера очекувано славеа над Белгија со 29-22.

Натпреварот меѓу Македонија и Словенија ќе се игра во Битола во недела од 18 часот.

Следете нé на социјалните мрежи