Екипата на Вардар со убедлива игра го совлада тимот на Пелистер 2012 со резултат 29:20, во натпревар од женската Супер лига одигран на домашен терен.
Дуелот започна израмнето, но по 11-тата минута вардарки ја презедоа контролата на играта и поведоа со 7:4. Нивната доминација продолжи, па во 16-тата минута предноста порасна на +5 (10:5). Гостинките од Битола не се предадоа и успеаја да намалат на 13:10, но сепак на полувреме домаќините заминаа со сигурна предност од 16:12.
Во второто полувреме Вардар уште посилно ја наметна својата игра, не дозволувајќи му на Пелистер да се приближи резултатски. Во 42-та минута водството изнесуваше 21:15, а до крајот вардарки само ја потврдија својата супериорност. Со серија голови во последните минути тие стигнаа до конечни 29:20 и нови бодови во првенството.
Вечерва на програмата е дербито од ова кола во која ќе играат шампионот Ѓорче Петров и вицепрвакот Металург Автокоманда.
Ивона Кимовска





































