Во пресрет на Денот на независноста на Македонија денеска беа доделени државните признанија 8 Септември за придонесат во спортот.
„Ми претставува огромна чест и задоволство денеска да ги доделам овие награди за особен придонес и остварувања во спортот, кои се апсолутно заслужени. Ме радува што од година во година доделувањето на оваа награда прераснува во голема и значајна манифестација. Им честитам на сите добитници, оваа награда е пример како треба да се претставува спортот и државата, да се промовираат вистинските вредности и да биде мотив за сите идни добитници, спортисти и спортски работници“, порача министерот Борко Ристовски на свеченото доделување на наградите.
Професорот Јошко Миленкоски е добитник на признанието за животно дело. Одбојкарскиот стратег во својата долгогодишна тренерска и селекторска кариера, не само што оствари бројни врвни резултати на екипен и репрезентативен план, туку успешно ја претставува Македонија и на меѓународната сцена.
„Оваа година е година во која го прославувам својот јубилеј – 50 години во одбојката, без ниту еден ден прекин во мојата кариера. Над 10.000 тренинзи, повеќе од 2.000 натпревари, повеќе од 100 натпревари со македонската одбојкарска репрезентација на највисоко европско и светско ниво, повеќе од 100 објавени научни и стручни трудови, неколку книги по одбојка во Македонија и во странство, па сѐ до улогата на селектор и спортски амбасадор на Македонија, мојот живот беше и останува посветен на одбојката. Победував, но и губев, освојував многу трофеи и награди и признанија, повеќе од 50 медали и трофеи на национално и меѓународно ниво. Сето тоа претставува мој заеднички успех со клубовите и репрезентациите кои ги водев. Вложив многу труд и љубов во својата работа, а одбојката, мојата љубов и нашата сакана Македонија ми вратија многу повеќе. Денеска е најголемиот ден во мојот спортски живот и со огромна чест и длабока благодарност ја примам наградата за животно дело за остварувања во областа на спортот. Ова не е признани само за мојот спортски пат, туку е и признание за сите генерации спортисти, тренери и спортски работници со кои имав чест да соработувам во изминативе пет децении“, истакна Миленкоски.
Миленкоски кој во моментот е тренер во Грција, ја предводеше машката македонска одбојкарска репрезентација како селектор до нов настап на Европскиот шампионат.
Покрај Миленкоски, еднократна награда за остварувања во спортот добија четворица истакнати спортски работници: Хамид Бакија (боречки спортови), Зоран Николовски (фудбалски судија), прим. д-р Виктор Тевчев (спортска медицина) и Кирил Манев (новинар).