Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер и во претстојната сезона (2025/26) ќе води голема борба на два „фронта“.

Пелистерци на домашната сцена ќе ја бранат првенствената титула, а сигурно ќе атакуваат и на трофеј во Купот на Македонија. На меѓународната, поверно зелено-белите се дел од европската елита и ги чекаат тешки натпревари во Лигата на шампионите.

Дека сериозно си ја сфатија задачата, потврдија и синоќа кога во Скопје, го совладаа лутиот ривал Вардар во мечот од регионалниот турнир.

Мотивација зелено-белите ракометари сигурно ќе црпат и од популарните „Чкембари“ кои ќе бидат нивниот „осми“ играч на секој натпревар.

А, како дополнителен мотив за влез во новата сезона е и видеото насловено како „Средба со легендите“.

Преку него сегашните ракометари на Е.Пелистер сигурно ќе црпат и дополнителна енергија во настојувањата да ги остварат целите.

Шанса за освојување на прв трофеј во новата сезона ќе имаат веќе во среда во Кавадарци. Таму Еурофарм Пелистер и Вардар ќе се борат за трофејот во Супер купот на Македонија.