Симона Грујовска е ново име во тимот на Куманово, со што клубот го засилува голманскиот состав пред новата сезона.
По одличната сезона во дресот на Металург, Грујовска се враќа во Куманово, каде што претходно настапуваше две сезони и остави силен впечаток.
Младата и талентирана голманка својата кариера ја започна во Вардар, а сега повторно ќе биде дел од тимот што го познава добро. Таа ќе го засили голманското трио заедно со Ана Марија Горговска и Јасна Трајковиќ.
Куманово работи темелно на стабилизирање на ростерот, задржувајќи го клучниот костур од минатата сезона. Договорите ги продолжија Мила Мемов, Ангела Шехтанска, Росана Павлова, Нена Нестороска и Никита Антевска. Овие потези се јасен показател за амбицијата на клубот да обезбеди континуитет и стабилност.
Дополнително, клубот веќе ги официјализира и странските засилувања: португалскиот среден бек Маријана Азеведо и бразилскиот десен бек Аманда Стајн. Тие ќе донесат нов квалитет и конкуренција во надворешната линија.





































