Екипата на Вардар го освои трофејот во фудбалскиот Куп на Македонија. Во финалето одиграно на арената „Тодор Проевски“, Вардар ја совлада Струга Трим Лум со 2-0. Јунак на вардарци е 21 годишниот Михаил Талевски кој ги постигна двата гола.

Првата закана ја видовме пред голот на вардарци во 18-тата минута, по корнер изведе Шабани од левата страна. Нерешителноста на домашната одбрана за малку да беше казнета, па Давор Талевски од втор обид ја прибра топката в раце.

Затоа пак на спротивната страна таква среќа немаше Ќосевски. Се играше 26,минута, кога по нафрлувањето на Јанкулов, топката среќно дојде до Михаил Талевски кој ја смести во мрежата на стружани за водство на Вардар од 1-0.

Следното возбудување дојде во 39.миута кога Камерунецот, Донгмо се обиде од далечина, но заврши во стативата на стружани.

До крајот на првиот дел немаше други возбудувања, но на стартот на вториот нов гол.

Се играше 48.минута кога по акцијата во три потега Михаил Талевски буеше прецизно и втор пат го совлада Ќосевски, за водство на Вардар од 2-0.

За Вардар тоа е шестиот трофеј во седмото одиграно финале, а доаѓа по пауза од 18 години (2007-мата). Тогаш вардарци ја совладаа прилепска Победа и го освоија петтиот куп трофеј.

Стружани и по своето второ финале останаа без куп трофеј, откако пред две години во првото загубија на пенали од Македонија Ѓорче Петров.

Со освојувањето на купот Вардар им се приклучи на Силекс и Работнички кој како второто и трето пласираните екипи во Првенството, обезбедија настап во квалификациите за Конференциската Лига. Новиот првак Шкендија ќе не претставува во квалификациите за Лигата на шампионите.