Искусниот словенечки интернационалец Јака Малус (28 години) во следните две сезони ќе биде играч на Вардар. Тој потпиша договорот со најтрофејниот македонски ракометен колектив, информираа од таборот на црвено-црните.

Малус кој игра на позицијата среден бек, зад себе има големо искуство во ЕХФ Лигата на шампионите и Лига Европа.

Тој е на поширокиот список на репрезентацијата на Словенија, а ги има поминато и сите младински селекции и настапувано на младинските и светски првенства.

Потекнува од познатата ракометна школа во Словенија од каде се излезени многу ракометари што играат на таа позиција.

Малус полна во Целје, преку Мешков Брест, па шпански Синфин и до германски Гепеинген и словенечки Слован,. Во својата кариера има освоено 18 трофеи. Со последниот клуб (Слован од Љубљана) го освои Купот, а имаат амбиции да бидат и шампиони.

„Голема честа ми е што станувам дел од еден од најголемите ракометни клубови во регионот – РК Вардар.

Свесен сум за традицијата, амбициите и очекувањата што ги носи овој клуб. Ќе ми биде посебна гордост да го носам црвено-црниот дрес и да го претставувам клубот со толку богата историја и верна армија навивачи.

Доаѓам подготвен да го дадам својот максимум, како на теренот така и надвор од него, и заедно со тимот да придонесам за нови успеси.

Благодарен сум за укажаната доверба и се радувам на сè што нè очекува во наредниот период, изјави Јака Малус при потпишувањето на договорот.