Насловено како „40 дена тишина – Кочани се обединува во чест на загинатите“, КК Баскет Дино годинава го одбележува својот 21-ви роденден.
Наместо да слави успеси, клубот го дочекува овој јубилеј во знак на жалост и сочувство. Трагичниот настан што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани одзеде 62 животи – меѓу нив и млади кошаркари, пријатели и членови на кошаркарската заедница.
Во чест на загинатите, во четврток на 24 април 2025 година, во 20 часот, во спортската сала „Сашо Лазарев – Чапо“, ќе се одржи хуманитарен кошаркарски натпревар организиран од КК Баскет Дино.
На паркетот ќе застанат поранешни и сегашни кошаркари, обединети преку спортот, љубовта и спомените.
Сите средства собрани од продажбата на влезници ќе бидат донирани на семејствата на настраданите. Билетите ќе се продаваат во продажба почнувајќи од ВТОРНИК.
Од клубот, потенцираат:
„Натпреварот претставува повеќе од спортски настан, тој е симбол на сплотеност, човечност и длабока почит кон сите изгубени животи.
Секој билет ќе биде повеќе од влез, ќе биде порака на сочувство, солидарност и љубов.
Да не заборавиме. Да бидеме едно. За нив. За нас. За Кочани.”




































