Кошаркарите на Работнички со победа го завршија регуларниот дел од сезоната во Првата лига. Во натпреварот од последното 22.коло, Работнички како домаќин во Кисела Вода, славеше над гевгелиски Кожув со 90-80.

Домашните кошаркари ги добија првите два периоди и на одмор заминаа со седум предност. Третата четвртина се покажа решавачка, а по неа Работнички ја зголеми разликата на +16 (72-56). Искусно таквото водство избраниците на Самарџиев го сочуваа и претворија во 15-та победа.

Со неа тимот на Работнички заврши како трето рангиран, зад МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ. Екипата на Кожув има ист учинок како и Куманово, но заврши на петата позиција, пред Пелистер и Чаир.

Останува да се пополни последното, осмо место што води во плеј-офот. За него во овие моменти во СЦ „Кале“ се борат кошаркарите на Феникс во дуелот со Шкупи. Евентуален пораз на Феникс ќе го промовира Тиквеш како учесник во плеј-офот.