„АКО ОДИГРАМЕ ПО ХРАБРО МОЖЕМЕ И ДА ИЗНЕНАДИМЕ“ смета Кузмановски

Филип Кузмановски прераснува во новиот лидер на македонската ракометна репрезентација. Иако црвено-жолтите синоќа беа поразени од фаворизираната Португалија во првиот од двата натпревари во квалификациите за ЕП 2024-та, Кузмановски докажа дека со право може да сметаме на него како лидер на оваа подмладена селекција. 

Тој заедно со Мартин Серафимов постигнаа по 5 голови и беа нашите најефикасни ракометари, но тоа не беше доволно да се победи Португалија. 

„Отсуство на некои играчи ми ја носи улогата да бидам лидер. Тоа не е едноставно тоа. Треба да си пример на помладите, да дадеш максимум од прва до последна секунда. Јас секогаш го давам максимумот од себе, како за време на натпреварот така и на тренинг. Тоа го научив изминатите години од постарите кои сега не се тука, па затоа се обидувам и јас да им помогнам на помладите, а заедно да растеме како репрезентација”, изјави Кузмановски по натпреварот.

Токму со фантастичниот гол на Кузмановски во 45-минута Македонија поведе со 20-19 и за момент се понадевавме дека може да ја изненадиме Португалија, но искусниот гостински тим сепак тоа не го дозволи. 

Сепак Кузмановски смета доколку се поправат грешките особено од почетокот на натпреварот и во моментите кога играме со играч повеќе, тогаш може да се надеваме дека Македонија да направи изненадување на возвратниот меч во Португалија закажан за во недела.

Во продолжение „тропедото“ на Кузмановски за водство на Македонија.