Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски денеска организираа прием за машката ракометна репрезентација на Македонија.
Најдобрите македонски ракометари добија честитки за успешниот настап на Светското првенство во јануари годинава со желби да го задржат континуитетот и во иднина и приматот на ракометот како спорт број еден .
Упатувајќи честитки за успешниот настап на СП 2025, премиерот Христијан Мицкоски ги информираше ракометарите дека на иницијатива на министерот Борко Ристовски, Владата ќе ја зголеми ветената премија од 2 милиони денари за уште еден милион и дека за настапот на СП 2025 на машката ракометна репрезентација на Македонија ќе и бидат исплатени 3 милиони денари.
„За оваа генерација мислам дека допрва претстојат прекрасни моменти на европските и на светските првенства. Им честитам на играчите, на селекторот и на целиот стручен тим за успешниот настап на Светското првенство, како и на старото и на новото раководство на Ракометната федерација на Македонија и на новиот претседател да му посакам успешна работа. Ние како Влада имаме намера исклучително да го поддржуваме ракометот кој е можеби и најважниот спорт за нас како држава бидејќи со редовното присуство, посебно на машката сениорска репрезентација , на европските и на светските првенства и со успесите на клупски план , ракометот покажа и докажа дека заслужува да биде спорт број еден кај нас во Македонија. На средбата со ракометарите пред настапот на Светското првенство ние дадовме одредено ветување за одредена симболична награда, но идеја на министерот Борко Ристовски беше да се зголеми наградата за нивните успеси за уште еден милион денари“, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Осврнувајќи се на настапите на македонската машка ракометна репрезентација, министерот Борко Ристовски истакна дека резултатите не се секогаш единственото мерило и дека секогаш ќе се почитува и ќе се вреднува и она што репрезентативците го покажуваа на терен, нивната пожртвуваност и гордо претставување на државата, подготвени во одредени моменти да играат и над своите можности.
„Ние како Министерство за спорт го акцентиравме ракометот како спорт број еден токму заради сите оние пласмани и резултати што ги имавме во минатото на големите натпреварувања и тоа е целосно издржано со резултатите, а не затоа што јас сум од овој спорт. Заедно со премиерот решивме да ги наградиме и нерешените резултати и вкупната премија од Владата и од Министерството за спорт за настапот на СП 2025 да биде 3 милиони денари и таа ќе биде исплатена до крајот на наредната недела. Уште еднаш ви упатувам честитки и ви благодарам за тоа што го направивте на Светското првенство. Што придонесовте Македонија да се обедини и сите заедно да навиваме за вас“, рече министерот Борко Ристовски посочувајќи дека Министерството за спорт секогаш ќе биде на страната на спортот и спортските вредности.
Во име на РФМ, претседателот Александар Стрефанов се заблагодари за честитките и за премијата која како што истакна, ќе биде мотив повеќе и ветар во грб за ракометарите и за целиот стручен тим и во иднина да се задржи континуитетот во настапите на големите натпреварувања и нивото на македонскиот ракомет како спорт број еден во државата.
Македонија ја очекува двомечот со Словенија во квалификациите за ЕП 2026-та, а првиот натпревар е веќе утре. Дуелот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се игра во терминот од 20 часот.