Ракометарите на Алкалоид забележаа победа од 35:26 во првиот натпревар од 20.коло од Супер лигата и се вратија на чело на табелата со 36 бодови со натпревар повеќе во однос на конкурентите. Денешниот ривал екипата на Пролет беше равноправен противник до 25.минута кога последен пат беше нерешено 9:9 (осмо последно изедначување).

Првиот дел од натпреварот мина резултатски израмнето и по водството од 9:8 за Пролет, избраниците на Кирил Лазаров направија серија од 6-1 за 14:10 на полувреме. Свои моменти во првото полувреме имаа и двајцата голмани Иван Галевски кај Алкалоид со 9 одбрани (вкупно 12) и Андреј Петковски 8 (вкупно 9).

Во вториот дел Алкалоид со мини серија од 3-0 дојде и до +7 (20:13), а потоа и во два наврати имаше највисоки +9. До крајот на дуелот екипата на Пролет успеа да направи три мини серии по два гола. Сепак на крајот Алкалоид стигна до највисоките +9 (35:26) кога Ивановски пред звукот на сирената ја погоди празната мрежа на противникот.

Најефикасен на дуелот беше Дамјан Митев кај Алкалоид со 11 голови (8 од седмерец).

Утре сабота се играат четири натпревари од ова коло, додека последниот дуел е на програмата во недела.