Ракометарите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер вечерва од 20:45 часот го играат натпреварот од 13.коло од групата А од Лигата на шампионите. Битолчани гостуваат во Германија, а домаќин ќе им биде бундеслигашот Фуксе Берлин. Избраниците на тренерот Раул Алонсо одржаа и тренинг во пресрет на последното гостување во групата.

Наша цел ни е да одиграме на највисоко ниво во Берлин. Игравме добро последните месеци и притоа освоивме многу бодови и достигнавме ниво да се натпреваруваме на високо ниво на домашен терен. Секако сега е  предизвик да се покажеме така добро и на гостински терен. Има полесни натпревари од овој во Берлин, но кога играте во Лигата на шампионите секој натпревар е тежок. Го познавам Фуксе Берлин многу добро. Тие скоро дваесет години го градат овој проект на паметен начин. Секогаш имале врвна екипа, пред неколку години играат Ф4 на Лигата на шампионите и сега се во момент кога се борат за трофеите во Германија и целат кон учество на завршниот турнир во Европа. Потпишаа некои врвни ракометари, го имаат најдобриот светски ракометар, го продолжија договорот со него и не е коинциденција што се толку добро. Во состојба се да се натпреваруваат за сите трофеи. Ќе биде тешко да се игра против нив, но треба да се концентрираме на нашата игра и да одиграме на ниво, изјави теренерот Алонсо.

За играчите на македонскиот првак нема вереме за одмор и по триумфот над Алкалоид во домашното првенство и пред се одличната игра продолжуваат во ритамот викенд-четврток-викенд натпревари.

Имаме тежок распоред и немаме ден за одмор, сепак сите даваме максимум. Сега ни следува дуелот со Фуксе Берлин и пак ќе бидеме на висината на задачата. Тие се одлична екипа, имаат светски ѕвезди и ќе се обидеме да победиме. Тренерот ќе постави тактика во одбраната и нападот и мислам дека ќе одиграме на ниво. Одиме чекор по чекор. Прво Фуксе Берлин, па потоа на домашен терен следи и дуелот со ПСЖ. Најубаво е да се игра пред македонски навивачи. Атмосферата која ја приредија „Чкембарите“ и битолчани едноставно те понесува. Убаво е тоа чувство, изјави Павле Атанасијевиќ.

По вчерашниот натпревар и победата на Висла над Динамо Букурешт во Романија со 27:26, полскиот тим сега има 10 бодови и се проби на петтото место на табелата, Динамо Букурешт е шести со 10, а Е.Пелистер е на седмото место со 8 бодови.

За пласман во осминафиналето (шесто место) на битолчани, по последните резултати, потребни ќе им бидат две победи (Фуксе Берлин и ПСЖ), под услов Висла и Динамо Букурешт да не победат во последното коло.