Фудбалерите на Манчестер Јунајтед се спасија од голем срам пред своите навивачи на „Олд Трафорд“. Во дуел од 21.коло на Премиер лигата, Манчестер Јунајтед благодарение на хет-трикот на Амад Диало во завршните осум минути, со пресврт го победи последното пласираниот Саутемптон со 3-1.

„Црвените ѓаволи“ важеа за апсолутни фаворити, но гостите не мислеа така. Играше отворено Саутемптон, а тоа донесе резултат во 43-тата минута. Благодарение на автоголот на Угарте, гостите на одмор заминаа со предност од 0-1.

Во вториот дел, Манчестер се обидуваше со сите сили, а Саутемптон се закануваше преку брзиот Сулемана.

Притисокот кон голот на гостите беше крунисан во завршните десет минути од натпреварот кога на сцена стапи Амад Диало.

Репрезентативецот на Брегот на Слоновата коска во 82.минута израмни на 1-1, во 90-тата водство од 2-1, а во 93-тата за 3-1 и „ерупција“ на „Олд Трафорд“.

Јунајтед со 26 бодови е на 12-тото место на табела, далеку од зоната која води на европската сцена. Саутемптон е последен со само седум освоени бодови.