Пораз од два разлика на македонската ракометна репрезентација на контролниот натпревар во Вараждин од Хрватска со 27:25 (13:14).

На стартот од натпреварот Хрватска имаше гол предност до резултатот 5:5, кога домашната репрезентација поведе со +2 (7:5) во 14.минута. Со по некоја грешка на двете страни и по некоја голманска одбрана Хрватска стигна и до три голови предност – 10:7. По неколку одбрани на Митревски, Македонија ги казни грешките на домаќинот и со голот на Џонов изедначи на 11:11 во 26.минута. Веднаш следуваше и тајм аут за селекторот на Хрватска Дагур Сигурдсон. По осмата одбрана на Митревски, Македонија пропушти шанса за водство откако Кузмановиќ го одбрани седмерецот на Кузмановски. Сепак на полувреме Македонија дојде до водство благодарение на добрата одбрана и контрата која ја реализираше Џонов за 14:13.

Хрватска на стартот од вториот дел успеа да стигне и до водство од еден гол, пред се поради подобрата игра во одбрана, а македонскиот напад имаше проблеми со реализацијата. Но, домашната репрезентација не успеа да поведе со поголема предност и покрај тоа што имаше три седмерци во кус период. Сите три Марко Кизиќ, кој влегуваше од клупа успеваше да ги одбрани.

Во последните десет минути Хрватска влезе со предност од три гола – 23:20. По 24:21 Македонија, Кизиќ имаше две одбрани и со два гола преку Пешевски и Серафимов од седмерец намали на гол негатива (24:23) во 56.минута, а по голот на Костески нашата репрезентација изедначи на 24:24. По голот на Хрватска од седмерец, Лазаров побара тајм аут. Македонија не го реализраше нападот, а Хрватска преку Срна зголеми на 26:24. По новата грешка на македонската репрезентација во напад, Хрватска зголеми на 27:24, а до крајот нашата репрезентација преку Костески ги постави конечните 27:25.

Најефикасен на дуелот беше Звонимир Срна со 6 голови, додека кај Македонија Жарко Пешевски и Ненад Костески постигнаа по 4. Никола Митревски имаше 10 одбрани, додека Марко Кизиќ заврши со 5.

Македонија ги продолжува подготовките за СП и останува во Вараждин  каде ќе одигра уште два контролни натпревара.