Новиот претседател на ФФМ, Масар Омерагиќ го именува Ѓорги Христов за нов технички директор во ФФМ.

Христов ќе биде задолжен за работата и развојот на младинските национални селекции и фудбалската акедемија во рамки на федерацијата. Ѓорѓи Христов е носител на тренерска ПРО лиценца и долги години е вклучен во работата на клупскиот фудбал во Македонија.

„Функцијата технички директор во ФФМ за мене претставува чест, но истовремено и голема обврска.

Иднината на македонскиот фудбал е во младите, а тоа треба да го сфатиме во права смисла на зборот.

Знаеме на каков начин во изминатиот период беа третирани младинските селекции, а посебно академијата. Нашата намера е да го смениме тоа, фокусот да биде во младите.

Во програмата на новиот претседател на ФФМ, младинските селекции се еден од топ приоритетите. Заеднички ќе се обидеме да го реализираме тоа.

Во разговор со Омерагиќ и Пандев заклучивме дека има голема „дупка“ од таа славна генерација која се пласираше на младинското Европско првенство и мора да се обидеме да го промениме тоа.

Едукацијата на тренерскиот кадар и логистиката околу младинските селекции ќе трпи големи промени, а тоа ќе ни донесе резултати во иднина. Во тоа сум сигурен”, изјави Христов.

Поранешниот македонски репрезентативец имаше богата и успешна меѓународна кариера, а почнувајќи во битолски Пелистер, Партизан (Србија), Барнсли (Англија), Данфермлајн (Шкотска), Ден Бош (Холандија). Тој одигра 46 натпревари и постигна 16 голови за репрезентацијата на Македонија.