Ракометарите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер остварија победа во првиот натпревар од 14.коло од Супер лигата откако вечерва на домашен терен го совладаа тимот на Бисинов Фруит Ленд со 45:31 (21:19).

Тренерот на битолчани Раул Алонсо денешниот натпревар го играше без македонските репрезентативци Никола Митревски и Филип Кузмановски.

Со денешната победа шампионот Еурофарм Пелистер има 24 бодови, колку и Алкалоид и Вардар, но и натпревар повеќе.

Гостите од Велс подобро го почнаа натпреварот и имаа водство еден дел од првото полувреме, а актуелниот првак првото водство го имаше при резултат 10:9. На полувреме домашниот тим имаше предност од 21:19. Во второто полувреме разликата во квалитет стапи на сцена, па битолчани стигнаа и до сигурна победа.

Најефикасен на натпреварот беше капитенот на гостите Ивица Илев со 8 голови.

Сите други натпревари од оваа рунда се играат утре (сабота).

Во следното коло Еурофарм Пелистер е домаќин на Вардар.