Петтиот натпреварувачки ден на женското Европско првенство за ракометарки ги носи натпреварите од последното трето коло во групната фаза.

За нас секако најважен е натпреварот од „А“ групата чиј домаќин е унгарскиот град Дебрецен. Таму македонските ракометарки ќе го играат натпреварот против ко-домаќинот на овој шампионат, Унгарија.

Репрезентацијата на Унгарија веќе оствари две победи, а воедно си го обезбедија својот пласман во главната фаза на првенството.

Македонија со пораз и „реми“ е на делба на третото и четвртото место на табелата со Турција, а зад Шведска која има бод повеќе.

Сепак шансите за пласман во следната фаза нашите ракометарки ги загубија, со пропуштената победа над Турција. Но тоа нема да ги обесхрабри избраничките на селекторот Кристијан Грчевски уште еднаш да одиграат храбро.

Унгарија важи за апсолутен фаворит во овој меч, а воедно и за една од селекциите кои ќе атакуваат на највисок пласман на шампионатот.

Во ситуација кога нема што да се загуби, а може да се добие драгоцено искуство на оваа млада македонска селекција, останува нашите ракометарки да го покажат најдоброто од себе.

Натпреварот меѓу Македонија и Унгарија ќе започне во терминот од 18 часот. Во вториот натпревар од нашата рупа од 20.30 часот Шведска и Турција ќе се борат за второто место.