Единаесеттото коло во Ла Лига го носи првото овосезонско „Ел Класико” во кое Реал Мадрид ќе ја нагости Барселона.

Двете екипи одиграа одлично пред неколку дена во Лигата на Шампиони. Славеа убедливи победи над германските ривали Борусија Дортмунд (5:2) и Баерн Минхен (4:1). Тоа најавува дека во добра форма ќе ги измерат силите на „Сантијаго Бернабеу”.

Мбапе не ги оправда очекувањата, но Реал го има Винициус

Реал не игра на нивото од минатата сезона, бидејќи се соочува со големи проблеми во организацијата на играта. Пензионирањето на Тони Крос и не наоѓање на негова соодветна и достојна замена ги „удри” Реал повеќе од очекуваното.

Доаѓањето на Мбапе не донесе толкава промена како што очекуваше фудбалскиот свет. Реал немаат и природна замена за стоперите Милитао и Рудигер и врв на се беше повредата на Дани Карвахал. Тој според многумина беше најдобар играч минатата сезона на Реал.

Реал ја победи Борусија Дортмунд во Лигата на Шампионите со 5:2 благодарејќи на Винициус Џуниор и неговиот „хет-трик”. На Винициус му се насмевнува „златната топка” како награда за најдобар играч во 2024 година која дефинитивно ја заслужува.

Реал е втори во Ла Лига со 24 бода, но „Кралевите“ загубија важни бодови играјќи три пати нерешено. Сето тоа предизвикува „паника“ на Карло Анчелоти, кој мора да го добие првото „Ел Класико” за да покаже дека не „гори” во Мадрид.

Минатогодишните два дуели во Ла Лига ги доби Реал (голови)

Рафиња е „скриениот“ адут на Барселона

Барселона пак доживеа „ренесанса” оваа сезона. Главен виновник за тоа е новиот тренер Ханси Дитер Флик кој премногу добро ја почна неговата етапа во Барселона. Без значајни трансфери и без позначајни заминувања Флик ја доведе во Барселона неговата замисла за „тотален фудбал”.

„Каталонците” се лидери во Ла Лига со 9 победи и 1 пораз. Иако Левандовски и Јамал играат во најдобро можно издание, сепак најзаслужен за добрата игра на Барселона е премногу критикуваниот Рафиња. Во моментов Рафиња се истакна како лидер на Барселона и во отсуство на капитените Тер Штеген и Араухо. Токму тој е лидерот на терен и според сите статистики и оценки најдобриот играч оваа сезона на Барселона.

Фудбалот во Каталонија не ветувал толку многу одамна. Барселона го надигра Баерн Минхен со 4:1 има за што да се радува во „Блау Грана“. На тој натпревар најдобар поединец на теренот беше токму Рафиња кој постигна „хет-трик”. Барселона „наострена” ќе му гостува на Реал, а со победа уште во раната фаза ќе се оддалечат на 6 бода.

Минатата сезона Реал и Барса исто така за прв пат се сретнаа во 11 коло. Тогаш на „Монжуик”, Џуд Белингам со неговото одлично соло издание со два гола, му донесе триумф на Реал со 2:1.

Дали и овој пат ќе има извонредно соло издание од некој на теренот?
Дали Барселона ќе го победи Реал после 4 последователни порази и ќе потврди извонредната форма во која се наоѓа?
Ќе покаже ли Реал зашто е бранител на најважните титули од минатата сезона?

Секое прашање ќе добие свој одговор по „Ел Класико“ кое ќе се игра на „Сантијаго Бернабеу” во Мадрид од 21 часот.