Нова победа за лидерот на табелата и непоразениот Алкалоид во ракометната Супер лига. Во дербито на 8.коло го совлада шампионот Еурофарм Пелистер со 32:25 (16:12).
Почетокот на натпреварот почна со доминација на домашниот тим кој имаше предност во 5.минута која беше 4:1. Сепак гостите ги консолидираа редовите и во 10.минута изедначија на 6:6 (прв и единствен пат). Во периодот што следеше Алкалоид благодарение на расположените крила Бинго и Костески (постигнаа половина од головите во првиот дел) дојде до нова предност, а со серијата 4-0 и до највисоките +5 14:9 во 22.минута.
И вториот дел почна во знак на домашниот тим, кој повторно дојде до +5 (20:15). Во 38.минута во обид да спречи контра се повреди крилото на Алкалоид Костески, кој на носилки беше изнесен од теренот. Во 41.минута Алкалоид стигна до +6 (23:17), па тренерот на битолчани Ангеловски мораше да побара тајм аут. Но Алкалоид ја зголеми предноста на 24:17 (+7). Е.Пелистер само повремено беше равноправен, но затоа Алкалоид ја казнуваше секоја грешка и во 52.минута повторно стигна до +7 (29:22).
До крајот на дуелот Алкалоид поведе и со осум разлика 30:22, а битолчани само го ублажија поразот.
Кузмановски со 12 гола беше најефикасен, додека кај Алкалоид Серафимов постигна 8 голови.
Алкалоид со максимални 16 бодови е прв на табелата пред Вардар со 14, Е.Пелистер и Охрид имаат по 12.