Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Муамед Сејдини денес престојуваше во во Нион, на покана на првиот човек на УЕФА.
Физичкиот напад врз Сејдини и последните случувања во нашата земја беа повод, веднаш после натпреварот со Ерменија да биде свикан итен состанок од претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
Ова како што пренесуваат од ФФМ следува, по добиените информации од УЕФА за политичко мешање во работата на Федерацијата, со што е загрозен нејзиниот интегритет.
Претседателот Сејдини, од прва рака и во детали, го извести претседателот на УЕФА, за настанатата ситуација. УЕФА изрази силна поддршка за заштита на ФФМ и нејзиниот интегритет.
Претходно, УЕФА и ФИФА заеднички испратија писмен допис до ФФМ. Во него бараат закажување на состанок со претставници на владата во најскоро можно време.
ФФМ веднаш го пренесе овој допис до владата на РМ во очекување на термин за бараниот состанок.
УЕФА и ФИФА се непоколебливи во нивната намера да го задржат интегритетот на фудбалот и федерацијата.
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин изрази искрени честитки за освоеното прво место на македонската фудбалска репрезентација во конкуренцијата „Ц“ во Лигата на Нации, со желби за понатамошни успеси и достигнувања.