Очекуван исход на последниот натпревар од 6.коло од Супер лигата откако ракометарите на Алкалоид во салата Автокоманда ја совладаа Струга со 35:20 (17:7). Ова за тимот на Кирил Лазаров беше шести триумф и со максимален учинок и 12 бода се израмни на врвот на табелата со Охрид, кој е лидер само поради подобрата гол разлика.

Дуелот со Струга домашните ракометари го почнаа ангажирано, додека гостите се мачеа пред се во нападот, па така по 1:1 Алкалоид направи серија од 8-1 за водство од 9:2. Во финишот на првиот дел Алкалоид стигна и до +10 (15:5), разлика која беше актуелна и на полувремето.

Во вториот дел гостите нешто полесно стигнуваа до гол шанса, но Алкалоид во 40.та минута поведе со 23:11 (+12), а по 26:14 следуваа најдобрите минути за Струга. Гостите направија серија од 4-0 и од негатива од 12 поени, стигнаа на -8 (26:18). Но, тоа беше знак домаќинот да „се разбуди“ и со 9-2 да го заврши натпреварот за највисоки +15 и конечни 35:20.

Најефикасен на дуелот беше Ненад Костески од Алкалоид со 13 голови, а голманите на Алкалоид завршија со вкупно 19 одбрани (Благојче Трајкоски – 11, Марко Кизиќ – 8). Во редовите на гостите најефикасен беше Богдан Мијушковиќ со 6 голови, а голманот Дамјан Тутенкоски имаше 10 одбрани.

На чело на табелата се Охрид и Алкалоид со по 12 бода, а следуваат Еурофарм Пелистер и Вардар со по 10, додека Струга остана на 10.то место со два бода.