Ракометарите Алкалоид ја остварија петтата победа во првенството и со тоа го продолжија максималниот ефект во новата сезона. На гостувањето во Кавадарци, Алкалоид забележа победа со 31:25 (19:13) против Тиквеш. Алкалоид со максимални 10 бодови се на делба на првото место со екипата на Охрид.
Решавачката предност Алкалоид ја стекна во финишот на првиот дел, откако постојано имаше минимална предност. По 10:10, до крајот на првиот дел избраниците на Кирил Лазаров направија серија од 9:3 за водство на полувремето од шест голови што се покажа како решавачко.
На почетокот на вториот дел екипата на Тиквеш со серија од три голови намали дел од негативата, но потоа гостите по 17:20 успеаја да постигнат серија од пет голови за највисоки 17:25. До крајот на натпреварот Тиквеш во два наврати стигна до три негатива но немаше сили и време за пресврт.
Најефикасен на дуелот беше Ани Обинна од Тиквеш со 7 голови, додека кај Алкалоид македонскиот репрезентативец Марко Митев постигна 6, а Иван Галевски имаше 8 одбрани, додека голманот на Тиквеш, Игор Арсиќ заврши со 11 одбрани.
Табела: Охрид и Алкалоид имаат по 10 бодови, Е.Пелистер и Вардар по 8.
Натпреварите од следното 6-то коло се играат од утре (петок) до понеделник.