Првиот од четирите првенствени натпревари од оваа сезона меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер се игра попладнево со почеток од 17:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.

Актуелниот првак Е.Пелистер во Скопје ќе допатува од Букурешт каде во четвртокот играше натпревар од Лигата на шампионите. Заморот на битолчани може да биде предност за „црвено-црните“, но и мотив за позитивен резултат.

Еурофарм Пелистер има максимален учинок во Супер лигата, но ривалите според квалитетот беа далеку под реномето на клубот. Двете екипи кои претендираат за шампионската титула, претрпеа пораз од Алкалоид, екипа која е предводена од Кирил Лазаров. Вардар загуби во Автокоманда во првенствениот дуел, додека Еурофарм Пелистер беше поразен во Супер купот во Гевгелија.

Во првиот натпревар од денешната програма од 16 часот играат Пролет 62 – Фриут Ленд Борец (почеток 16 часот), а еден час подоцна е почетокот на дуелот МРК Куманово – Струга. Во „второто дерби“ на колото Охрид е домаќин на Тиквеш (почеток 18:30 часот).

Утре од 18 часот играат Радовиш и Бутел во последниот дуел од ова коло, кое вчера го отворија Алкалоид и Прилеп, а фаворитот Алкалоид постигна убедлива победа 45:23.