Избраниците на Кирил Лазаров без поголеми проблеми стигнаа до победата во првиот натпревар од 4.коло од Супер лигата совладувајќи го Прилеп со 45:23 (23:13). Ова за Алкалоид беше четврта првенствена победа и со максимален учинок е на првата позиција на табелата.
Од самиот почеток на дуелот Алкалоид ги казнуваше грешките на прилепчани, па така по 9:4 во 10.та минута гостинскиот тренер Божидар Мојсов побара тајм аут. Но, тоа беше знак за нова серија голови на Алкалоид и во 18.та минута беше за првпат +10 (15:5). Таа предност беше и на полувреме – 23:13.
Во вториот дел Лазаров со многу комбинации им даде шанса на сите играчи и буквално сите што играа во напад се запишаа во листата на стрелците, а во последните минути стигнаа и до +21 разлика 43:23.
Најефикасен на дуелот беше Никола Костески со 7 голови (играше само во вториот дел), додека голманот Марко Кизиќ покрај 15 одбрани постигна и 1 гол.