Кошаркарскиот клуб Пелистер максимално подготвен ги дочекува предизвиците што ги носи новата сезона. Управата на битолскиот клуб овозможи беспрекорни услови за подготовки на екипата предводена од новиот тренер Петровиќ. Со тоа пелистерци го потврдуваат најавите за долгорочен развој на клубот.
Новата сезона Пелистер ќе ја почне во сабота со дуелот во Супер купот против бранбтелот на трофејот МЗТ Скопје Аеродром.
„Ова е мое второ враќање во Пелистер, наидувам на еден нов проект, многу посериозен од она што беше случај во минатото. Пелистер во моментов е сериозно организиран клуб, се што побарав беше исполнето, подготовките што ги одработивме беа беспрекорно организирани.
Можам да кажам дека ростерот е одлично пополнет, имаме по двајца кошаркари на секоја позиција. Почнуваме во сабота против МЗТ Скопје, секако дека ќе се обидеме да стигнеме до трофејот, но би сакал да порачам но ова ќе биде долга сезона, очекувам момците да дадат се од себе, да стигнеме до задоволителни резултати.
Би сакал пред се да се заблагодарам на управата за условите што ги имаме, ова немаше да го имаме како проект да не беше Марјан Илиевски и сакам во свое име и во име на сите играчи да се заблагодарам за она што ни беше овозможено. Имаме беспрекорни услови во Битола, бевме заедно на подготовки во Златибор каде создадовме еден вид на семејна атмосфера, тие подготовки ги искористивме токму за тоа, за уште поголемо подобрување на атмосферата“,
истакна тренерот Петровиќ.
Желбата на сите во клубот е повеќе од јасна, најмалку еден од двата трофеја на домашната сцена, но и што подобро претставување во АБА2 лигата.
„Имаме квалитетна екипа, имаме одлична атмосфера и верувам дека уште повеќе ќе напредуваме како што ќе минува времето, но не криеме дека сакаме барем еден трофеј. Секое натпреварување е значајно,
Пелистер четврта сезона е во АБА2, но форматот е нов и поразличен од минатото, прва цел ни е да ја минеме првата фаза, а потоа и да се бориме за што подобар пласман. Ќе одиме на трофеј во сите натпреварувања, ќе видиме до каде ќе дотуркаме на крајот од сезоната, но мислам дека постојат предуслови за врвни резултати.
Она што можам да го кажам е дека ќе играме убава кошарка за око како што беше случај и на овие подготовки, сигурно ќе бидеме конкурентни за освојување на трофеите, а за пехарите ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Во АБА2 секако имаме поголема конкуренција, но она што можам да го ветам дека нема да бидеме во подредена улога против ниту еден ривал, подготвени сме за да одиме на победа на секој натпревар“,
порача Петровиќ.
Во регионалната АБА2 лига Пелистер ќе игра во „Ц“ групата во која за противници ќе ги има екипите на Подгорица, Широки и Џокер. Првиот натпревар зелено-белите ќе го играат на домашен терен во вторник (18 часот) против екипата на Широки Бријег.