Одличен викенд за браќата Бабунски во Унгарското првенство. Имено и двајцата браќа се запишаа во листата стрелци во победи на нивните екипи, Дебрецин и Мезоковешд во рамките на 20. во Унгарската ОТП Банк Лига.
Повозрасниот од браќата Бабунски, Давид Бабунски со својот прв гол во тимот на Мезоковешд, вчера славеа важна победа против Пакс и фатија приклучок во горниот дел на табелата. Македонскиот репрезентативец во 53-тата минута искористи одлично додавање на свој соиграч и од 13-14 метри со силен полу-волеј го совлада противничкиот гол, за прв гол оваа сезона во Унгарското првенство.
Голот доаѓа во вистинско време за Давид Бабунски со оглед на тоа дека имаше доста турбулентен период во кој беше неизвесно каде ќе ја продолжи кариерата за на крај да остане во тимот на Мезоковешд, па сега полека се наметнува кај тренерот Атила Кутор, а овој погодок со сигурност ќе ја поправи неговата самодоверба.
За разлика од Давид за кого ова беше прв погодок, неговиот брат Дориан Бабунски игра во феноменална голгетерска форма, па на последните четири натпревари во продолжението на сезоната дури пет пати се запиша во листата стрелци.
Помладиот брат Бабунски, Дориан во победата на Дебрецин против Хонвед со 2-3, два пати ја затресе противничката мрежа. Најпрвин во 27-та минута погоди за 0-1, а потоа во 71-та донесе изедначување откако претходно Хонвед направи целосен пресврт во 47-та и 54-тата минута. Победата за Дебрецин ја осигура Антонио Маче во 86-тата минута.
Со оваа победа Дебрецин се искачи на четвртата позиција со 30 бода, само бод помалку во однос на третопласираната Кишварда и два помалку во однос на второпласираниот тим Кечкемет.