Втора победа за Еурофарм Пелистер во рамки на Супер лигата откако попладнево го совладаа Алкалоид со 27:25 во исполнетата сала „Боро Чурлевски“ во Битола.
За тимот на Кирил Лазаров Алкалоид ова беше втор натпревар без победа откако минатиот викенд во Кавадарци одигра нерешено.
Првиот дел мина во знакот на суперлигашот од Скопје Алкалиод, кој подобро го отвори натпреварот. По 10 минути игра гостите водеа со 6:3, а во 20.та минута беше 9:7 за гостите. Пет минути подоцна Еурофарм Пелистер изедначи на 10:10, а веќе во следната минута имаше водство од 11:10. „зелено-белите“ по одбранетиот седмерец на Кизиќ зголемија на 12:10, а гостите до крајот на првиот дел го намалија водството 13:12.
До средината на вториот дел Еурофарм Пелистер најчесто имаше водство од 2-3 гола разлика, а во 50.минута по 21:19 домашниот тим направи серија од 3-0 за 24:19. Но, младата екипа на Алкалоид брзо се врти со три гола, од кои на празна мрежа за 24:22 во 55.минута. Гостинската екипа на 70 секунди пред крајот намали на 25:24, но битолчани го реализираа нападот за ново водство од +2 (26:24). Алкалоид брзо го изведе нападот и на 25 секунди пак намали на -1 (26:25 за Е. Пелистер). Во последниот напад битолчани постигнаа гол за победа од 27:25.
Најефикасен на дуелот беше Денис Васиљев од Еурофарм Пелистер, додека кај Алкалоид Серафимов и Илиевски постигнаа по пет голови.