Манчестер Јунајтед е овогодинешниот освојувач на ФА Купот на Англија по победата во Манчестер дербито кое се одигра на „Вембли“. „Црвените ѓаволи“ им се осветија на Манчестер Сити за минатогодишниот пораз во финалето, совладувајќи ги со 2:1.
Јунајтед одигра одлично прво полувреме, но водството дојде по грешка во одбраната на Сити. Имено, Јошко Гвардиол направи катастрофална грешка лобувајќи го својот голман со што му овозможи на Алехандро Гарначо лесно да ја погоди празната мрежа на Сити за водство на својот тим од 1:0 во 30-тата минута.
Прекрасната акција на Јунајтед во 39-тата минута ја заврши младиот Коби Маину, кој со прецизен удар го совлада Стефан Ортега за 2:0.
Избраниците на Пеп Гвардиола безнадежно се обидуваа да возвратат со креирање на одлични прилики за погодок, но се до 87-та минута резултатот беше 2:0. Нововлезениот „џокер“ на Гвардиола, Џереми Доку успеа конечно да погоди и да намали на 2:1 за возбудлив финиш.
Сепак, „црвените ѓаволи“ вешто се бранеа и успеаја да го совладаат градскиот ривал Манчестер Сити со 2:1.
Овој трофеј за Ерик Тен Хаг е втор откако е на клупата на Јунајтед (по Карабао купот лани), но и вкупно 13-ти во ФА Купот на Англија за Манчестер Јунајтед што е само еден помалку од Арсенал, кој е тим со најмногу титули во ФА Купот.