ЖРК Вардар започна со формирањето на екипата за наредната сезона. Вардарки го продолжи договорот со искусната ракометарка Симона Василева. Таа ќе остане уште една сезона во тимот на Вардар.
Симона е една од клучните играчи во тимот и игра на сите бековски позиции.
Василева посочи дека е задоволна од клубот и условите што ги нуди по што со взаемен договор ја продолжиле соработката.
,,Решив да го продолжам договорот со Вардар поради добрата атмосфера, најпрвин во тимот, а потоа и стручниот штаб.
Многу сум задоволна од условите што ги нуди овој клуб и од минутажата што ја добивам на терен. Клубот засега нуди предобри услови.
Се надевам дека така и ќе продолжи, но секако тоа зависи и од успехот во клубот”,
изјави Василева, за Спорт Плус.
Таа претходната сезона го засили тимот на Вардар по две години поминати во Ѓорче Петров. Симона е прва од екипата што го продолжи договорот.
,,Моите очекувања за наредната сезона се релативно високи, се зависи кои играчи ќе останат и, се разбира, новите засилувања следната сезона.
Со оваа екипа и со некои дополнителни засилувања, би постигнале добар успех”, додаде Симона.
Се очекува во наредниот период Вардар да ги продолжи договорите и со останатите ракометарки како и да го засили тимот со нови ракометарки.
Ивона Кимовска