Екипата на Шкупи ја дели една победа од пласман во Првата кошаркарска лига. Чаирчани го добија првиот полуфинален дуел со Маџари и победеа со 1:0 во победи во серијата подобар до два.
Домашниот тим решително го почна натпреварот и отвори со 10-0. Првите поени гостите од Маџари ги постигнаа на истекот на третата минута. Двоцифрената предност домашниот состав ја одржуваше во најголемиот дел од натпреварот. Заминаа чаирчани со +17 на одмор меѓу двете полувремиња (47-29).
Искусниот состав предводен од Двојаковски и Димитровски рутински не дозволи да ја загуби стекнатата предност. Иако во финишот гостите дојдоа и на четири негатива, сепак немаа сили за комплетен пресврт. На крајот Шкупи славеше со конечни 86-78.
Првата „меч“ топка за финале, а со тоа и пласман во Првата лига, тимот на Шкупи ќе ја има веќе во среда на теренот на Маџари.
Пред промоција во прволигаш е и не поразениот МКК Куманово кој тоа треба да го потврди во вторник кога му гостува на Ангели во реванш полуфиналниот дуел. МКК Куманово убедливо ја доби првата средба со 30 разлика (77-47).