Чаир и Ѓорче Петров се последните екипи кои се пласираа на завршниот турнир од Купот на Македонија. Овие две екипи немаа тешки противници, па лесно дојдоа до пласман во полуфиналната рунда.
Екипата на Чаир го совлада Овче Поле убедлуво со 46:29. Победникот на овој натпревар беше очигледен уште од десеттата минута од натпреварот кога Чаир поведе со 13:5. На полувреме домаќинките на овој меч, заминаа со позитива од 22:17. Вториот дел беше формалност со оглед на предноста која ја направија во првото полувреме. Чаир во целиот натпревар имаше тотална контрола на резултатот и без проблем дојде до победа.
Најефикасна во победничката екипа беше Бојана Диневска со десет погодоци, од поразениот тим Јована Конева постигна 13 гола.
Тимот на Ѓорче Петров беше уште поубедлив совладувајќи го Пелистер со 47:26.
Македонскиот шампион уште на почетокот успеа да создаде разлика од +6 (10:4). Тие само ја зголемуваа предноста, па на полувреме имаа предност од 23:13. Во втората половина Ѓорче одигра рутински и лесно дојде до победа.
Најдобар стрелец од составот на Ѓорче Петров беше Талита Алмеида со девет погодоци, а од Пелистер Рујановска Сара со седум гола.
Претходно се пласираа тимовите на Вардар и Куманово кои остварија победа над Деспина и Металург Автокоманда.
Завршниот „фајнал-фор“ турнир во Купот на Македонија ќе се игра од 17 до 19 мај.
Ивона Кимовска